Опкружен со планини прекриени со снег и кристално чисти езера на чилеанската Патагонија, Фаустино Бариентос живее живот на каубој изолиран од цивилизацијата.
Од 1965 година Бариентос живее како „гаучо“ ранчер и пастир кој на коњ поминал огромни простори во јужно Чиле и Аргентина, а се населил кај езерото О’Хигис, едно од најзафрлените места на светот.
Во декември минатата година го посетија новинари од списанието „Вајс“ од Њујорк, а за да дојдат до неговиот дом, изграден од остатоци на рибарски брод, им требаа четири дена.
– Не ми требаат пари. Имам доволно храна. Ми се чини дека животот е подобар кога си сам. Сакаат да ме протераат, но јас останувам овде до самиот крај, им рече 81-годишниот Фаустино посакувајќи им добредојде.
Во текот на животот научил се што му е потребно за животот на самец, а сам изградил две колиби. Во една живее, додека другата му служи за складирање храна. Ужива во неколку модерни работи, а една од нив е радиото кое му овозможува да ја следи политиката и спортските резултати. Телевизија гледал само еднаш во животот.
На секои две години Фаустино заминува во блискиот град и таму продава стока и така ги заработува минимално потребните пари. нд/8:01