Топлотниот бран што ја зафати Европа ја зеде првата жртва во Италија, додека туристите кои летуваат на Медитеранот се подготвуваат за температури до 45 степени.
Работникот (44) почина во Лоди кај Милано по болест најверојатно предизвикана од жештините. Работникот цртал патокази во внатрешноста на еколошка зона на пат, кога му се слошило и се онесвестил. Најпрвин на помош му пришол колега кој работел со него, а набрзо пристигнала Брза помош која го пренела во болница, но работникот починал.
Илјадници медитерански посетители сега се предупредуваат за опасни по живот ефекти од топлината, откако антициклонскиот временски систем од пустината Сахара наречен Кербер почна да се шири кон север.
Кербер денеска ќе донесе температури околу 44 степени во јужните делови на Шпанија. Уште потопло ќе биде на италијанските острови Сардинија и Сицилија каде се очекуваат 45 степени.
Во Рим вчера се измерени 36 степени, пишува Дејли мејл.
Топлините нема да ја заобиколат ниту Грција каде во наредните денови се очекуваат 44 степени.