Десничарот Жаир Болсонаро е новиот претседател на Бразил откако во вториот круг претседтаелски избори вчера го победи левичарот Фернандо Хадад.
Врховниот изборен трибунал на Бразил го прогласи Болсонаро за нов претседател на најголемата држава во Јужна Америка.
Врз основа на 96 отсто преброени гласови, Болсонаро освои 55,5 отсто додека Хадад од Работничката партија доби 44,5 отсто гласови.
Анкетите пред изборите укажуваа дека Болсонаро е фаворит за тие избори.
Болсонаро го кандидираше конзервативната Социјал-либерална партија, а во јавноста често го нарекуваа „бразилски Трамп“. Таа споредба беше поради неговите изјави во кампањата за право на Бразилците слободно да купуваат и носат оружје, заштита на националната економија и ограничување на влијанието на Кина. Тој е поранешен воен капетан. Во првиот круг пред две недели меѓу 13 кандидати освои убедливи 46 отсто гласови.