Земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран југозападно од индонезискиот остров Суматра, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Епицентарот на земјотресот е на длабочина од 10 километри, соопшти ЕМСЦ.
Засега нема извештаи за евентуална штета.
Земјотресот се случил на 212 километри југозападно од градот Бенгкулу, соопшти американскиот сеизмолошки центар УСГС.
Епицентарот бил во близина на малиот остров Енгано.
Жителите на Бенгкулу за француските медиуми изјавиле дека не чувствуваат речиси ништо.
-Чудно, воопшто не почувствував ништо. Бев надвор, разговарав со мојот сосед, не ни сфативме дека има земјотрес, изјави Хендри Таспарило (34).
Индонезија се наоѓа на пацифичкиот „Огнен прстен“ каде има чести земјотреси.
Во јануари 2021 година, земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди островот Сулавеси, при што загинаа повеќе од 100 луѓе, а илјадници останаа без домови во крајбрежниот град Мамуџу.