Чешкиот амбасадор во Ријад, Јиржи Славик бил повикан во Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија каде му била врачена протестна нота поради анти-исламските изјави на претседателот на Чешка, Милош Земан.
Според чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек Саудиска Арабија може да одговори и со трговски санкции, јави дописникот на МИА од Прага.
Саудиското МНР имало забелешки на сите претходни изјави за исламот на чешкиот претседател. Последниот случај, е изјавата на прославата на Денот на независноста на Израел кон крајот на мај, кога во врска со нападот на Еврејскиот музеј во Брисел, Земан рече дека зад слично мотивирани насилни акти стои исламската идеологија.
– Претседателот и во минатото има изјави кои се однесуваат на арапскиот и муслиманскиот свет, па последниот случај не можеме да го сметаме за грешка, изјави шефот на чешката дипломатија.
Заоралек предупреди дека освен верски, случајот има и економски размери. Чешка со Саудиска Арабија има земјоделски и здравствени проекти, а богати гости од Арапскиот полуостров ја посетуваат Чешка заради бањскиот туризам. Земан во вторникот соопшти дека нема намера да се извини за своите изјави.