Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно на европските лидери во текот на синоќешниот разговор им рекол дека „ова е можеби последен пат да ме гледате жив“.
Ова го објави, повикувајќи се на дипломатски извори, „Тајмс оф Израел“.
Европски дипломати за медиумот раскажале како Зеленски ја повторил молбата да се прошират мерките против Русија, како би се запрела инвазијата, и да се донесат нови и посилни санкции.
Италијанскиот премиер Марио Драги, кој учествувал на телефонската конференција, им кажал на своите застапници дека Зеленски се крие на непозната локација.
„Требаше да се слушнеме телефонски, но тој веќе не е достапен“, кажал Драги.
Шведската премиерка потврдила за новинарите од шведската национална новинска агенција дека Зеленски кажал дека можеби последен пат го гледаат жив.