Американскиот претседател Џо Бајден, заедно со неговата сопруга Џил, вчера ја пречекаа во Белата куќа првата дама на Украина, Олена Зеленска, која треба да одржи говор денеска во Конгресот.
Двете дами со делегации на САД и Украина разговараа во Сината соба на Белата куќа.
Џил Бајден во мај ненадејно ја посети Украина, земјата врз која Русија изврши инвазија на 24 февруари. Таа ги посети првата дама на Украина и училиште каде беа сместени раселени Украинци.
– Кога се вратив, меѓу другото реков и дека не може да се отиде во воена зона и да се вратиш, а да не ги чувствуваш тагата и страдањето на луѓето, изјави Џил Бајден.
Како што таа додаде, разговарала со својот тим за да се помогне во решавањето на проблемите поврзани со менталното здравје на мајки и на деца, кои претрпеле злосторства.
Извор: МИА