Една од причините за постојаните селења на норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик меѓу затворите „Ила“ и „Скиен“ е тоа што затворскиот персонал се чувствува сосема исцрпен од него, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Како причина за преместувањата била наведена и безбедноста, но како важен момент за тоа се укажува на истоштеноста на персоналот кој секојдневно работи блиску до Брејвик.
Повеќемина извори до кои дошол норвешкиот весник „Верденс ганг“ наведуваат дека вработените во затворите реагираат на тоа што Брејвик и по повеќе од три години од извршените терористички напади во Осло и на островот Утоја, во кои животите ги загубија 77 лица, се уште не покажува никакви знаци на каење.
Вработените исто така сметаат дека Брејвик е манипулативен и дека е тешко да се биде во контакт со него. Освен тоа, тежок работен момент претставува и енормното количество писма што Брејвик ги испраќа и добива.
– Имаме разбирање дека затворите можат да го доживеат Брејвик како тежок затвореник, вели Брејвиковиот адвокат Геир Липестад.
Инаку, тој вели дека со своите соработници има намера да се обрати до судот за да побара олеснување на мерките на изолација на Брејвик во однос на неговата кореспонденција и контролата на посетите во затворот.