Подрумот во кој Јозеф Фрицл во Австрија, 24 години ја чуваше затворена својата ќерка со која имаше седум деца ќе биде бетониран, соопштија официјални лица.
Валтер Анбек задолжен за управување со имотот на Фрицл соопшти дека вчера започнаа работите околу бетонирањето и дека би требало да бидат завршени за две недели, пренесува „Асошиејтед прес“.
Фрицловата ќерка Елизабета исчезна во 1984 година од својот роден град Амштетен кога имаше 18 години.
Таа до 2008 година беше затворена во темниот подрум на својот татко, каде што тој ја силувал многу пати и Елизабета со него добила седум деца, од кои едно починало бидејќи Фрицл не сакал да повика лекар.
Фрицл во 2009 година е осуден на доживотна казна, која што ја издржува во психијатриското одделение во затворот. Елизабета и нејзините деца добија нов идентитет.
Елена Георгиевска