Заменикот британски премиер Ник Клег најави синоќа дека ќе се обиде да го спречи обидот на властите да ги принудат странските државјани да платат депозит како гаранција дека по посетата, нема да останат во Велика Британија.
Британската Влада планира од ноември да го покрене пилот-проект во кој би биле вклучени Нигерија, Гана, Индија, Пакистан, Бангладеш и Шри Ланка и според кој одредени посетители би морале да платат депозит од околу 4.800 евра кој ќе им биде вратен по излез од државата.
Таа најава остро ја критикуваа Индија и Нигерија.
Владата во Лондон не прецизираше колкав број подносители на барања за визи би морале да платат депозит.
Клег рече дека е против воведување на „произволен депозит“. Клег кој од либералните демократи во владејачката коалиција со конзервативците, изјави за Би-Би-Си дека двете партии имаат различен став за тоа прашање.