Замбија го легализира производството и извозот на канабис за економски и медицински цели, соопшти владиниот портпарол Дора Сили.
Сили изјави дека дозволата за извоз на канабис е издадена на специјалната владина седница на 4 декември.
Јужноафриканската држава се одлучи на тој потег во време кога односот кон канабисот полека се менува и инвестициите во неговото производство се зголемуваат поради медицинска корист.
Мотивацијата на Замбија да го легализира канабисот е и голем фискален дефицит и растечки товар на надворешниот долг. Надворешниот долг на Замбија се искачи од 8,74 милијарди долари на крајот на минатата година на 10,5 милијарди американски долари на крајот на оваа година, предизвикувајќи стравувања дека земјата оди кон должничка криза.