Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека истекувањето на гас во близина на брегот на Данска и на Шведска се случи во подрачје врз кое „Вашингтон има целосна контрола“.
– Тоа се случи во трговските и економските зони на Данска и Шведска. Тоа се земји кои се целосно под контрола на американските разузнавачки служби, истакна Захарова во интервју за телевизијата „Соловјев лајф“.
Таа не наведе докази за нејзиното тврдење дека Шведска и Данска се под американската контрола.
Европска Унија се сомнева во саботажа како причина за истекувањето на подморскиот руски гасовод кон Европа и вети „силен“ одговор на секое намерно нарушување на нејзината енергетска инфраструктура.
Иако ниту еден од цевководите не бил во употреба во моментот на подводните експлозии, и двата биле полни со гас кој истекувал во Балтичкото Море, а првото истекување беше забележано на 26 септември. Шведската крајбрежна стража денеска соопшти дека е откриено уште едно истекување на гас од Северен поток 2.
– Две од четирите истекувања се во ексклузивната економска зона на Шведска. Другите две истекувања на гас се во данската ексклузивна економска зона, изјави портпаролката на шведската крајбрежна стража Џени Ларсон.
Извор: МИА