Кина, една од најпосетените земји во светот се соочува со значителен пад на бројот на туристите оваа година, а една од причините е зголемената загаденост на воздухот во градовите, кои се главна дестинација за посетителите.
Бројот на странските туристи се намали по јануарската „воздухокалипса“, кога нивото на смогот, кој задушува и ги штипе очите достигна рекордна густина над делови на североисточна Кина.
Туристите не се одлучуваат за Кина, поради вестите за смогот и другите проблеми, велат германските туристичките работници. Бројот на луѓето, кои во Германија резервираат патувања за Кина се намалил за 16 проценти оваа година.
Кина е трета светска дестинација за меѓународни патувања, по Франција и САД. Падот на бројот на туристите би можел да им наштети на напорите на Владата да ја намали зависноста од извозното стопанство, промовирајќи почиста сервисна индустрија, како што е туризмот.
Главни туристи во Кина се инаку домашните гости, кои се помногубројни од странците, но странските туристи трошат повеќе пари.
Од јануари до јуни вкупниот број на странски посетители, вклучувајќи и деловни луѓе и резиденти, кои влегле во земјата се намалил за пет проценти на нешто помалку од 13 милиони, во споредба со истиот период минатата година, соопшти Кинеската национална туристичка администрација.
Во целина намален е бројот на посетителите од Азија, Австралија, Европа и САД.
Во Пекинг, каде меѓу главните атракции се Кинескиот Ѕид и Царската палата, падот е уште поголем. Бројот на странски туристи, кои го посетиле главниот град се намалил за 15 проценти во првите шест месеци од годината на 1,9 милиони.
Пад на посетата на странците е забележана и во финансискиот и трговскиот центар Шангај и просперитетниот пристанишен град Сиамен.