Заедницата на британските универзитети, во која се вклучени раководителите на 133 високонаучни и образовни институации во Велика Британија, се изјасни против истапување на земјата од ЕУ.
Во соопштение за јавноста, Заедницата најави покренување кампања „Да“ во домашната јавност за останување во Унијата, пред планираниот референдум за ЕУ. Во соопштението се нагласува дека земјата треба и натаму да биде дел од Унијата.
Претседателот на Заедницата, Џулија Гудфелоу изјави дека „ќе мора сите да се покренат (во кампања) и да се пресметаат, кој за која опција се определува“.
– Асолутно е јасно дека членството на Велика Британија во ЕУ има исклучително позитивна улога за водечката позиција на британските универзитети во Европа, рече Гудфелоу, посочувајќи дека останувањето во Унијата е „прашање за обезбедување иднина“ на Велика Британија.
Најавата за покренување кампања за останување во ЕУ на универзитетските раководители, доаѓа во исто време со покренувањето на таква иницијатива и од страна на британските проевропски политичари.
Во оваа група, засега, се Чака Уминија, министер за бизнис во владата во сенка на опозициските лабуристи, но и конзервативецот Демијан Грин, поранешен министер во Кабинетот на премиерот Дејвид Камерон.
Иницијативата на двете групи се случува непосредно по престојот на министерот за финансии Џорџ Озборн во Париз, на разговори со француските министри, околу британските барања за реформирање на ЕУ.
Вакви посети, во кои на европските партнери на Велика Британија ќе им се објаснуваат британските мотиви за покренувањето на идејата за референдум и ќе се бара од нив подршка, во следните шест месеци, министерот Озборн ќе има во повеќето земји членки на ЕУ.
Не се познати деталите за тоа што Владата на премиерот Дејвид Камерон бара од Брисел, но на масата за преговори Британците ги имаат ставено неколку барања.
Пред се, тоа е барањето евентуалните натамошни интеграциски процеси да минуваат без учество на Велика Британија, да им се даде право на вето на националните парламенти за да се блокира определана одлука на Европската комисија, да се гарантира „сигурноста“ на лондонскиот финансиски центар Сити и да се лимитира имиграцијата од земјите на Унијата.
За да може Велика Британија да ги оствари сите овие цели, потребна е согласност на сите 28 земји членки.
Нема сознанија како поминала посетата на Озборн на Париз, но некои француски министри претходно предупредуваа дека не може на Велика Британија да и се даде статус на земја, која од ЕУ ќе го користи само она, што неа и одговара.