Претседателството на автономниот ирачки регион Курдистан денеска соопшти дека во септември во него ќе се оддржи референдум за државноста, и покрај противењето на Багдад, пренесоа француските медиуми.
Агенциите наведуваат дека ирачките Курди масовно ја поддржуваат идејата за независна држава, но оценуваат дека гласот „за“ во септември ќе претставува само почеток на спорниот проект што ќе се соочи со големи надворешни и внатрешни предизвици.
„Референдумот ќе се одржи на 25 септември 2017 година. Тој ден народот на регионот Курдистан, како и оние кои живеат во подрачјата околу кои постои спор, ќе се изјаснат дали ја прифаќаат независноста“, се наведува во соопштението на претседателството на овој регион што се состои од три покраини.
Одлуката беше донесена синоќа на состанокот на кој присуствуваа курдскиот лидер Масуд Барзани и претставници на политичките партии од регионот.
Француските меидуми потсетуваат дека ирачки Курдистан веќе има автономна регионална влада, а го штитат сопствени безбедносни служби.