Втор круг претседателски избори во Чешка

Од:

Денеска и утре во Чешка се одржува втор круг на првите директни претседателски избори, на кои граѓаните ќе изберат наследник на сегашниот претседател Вацлав Клаус, јави дописникот на МИА од Прага.

Во првиот круг на изборите од девет кандидати највеќе гласови, над 1,2 милиони во речиси изедначена битка освоија поранешниот премиер и екс шеф на социјалдемократите Милош Земан и актуелниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг.

Левичарскиот претседателски кандидат Земан освои 24,21 проценти од гласовите додека конзервативниот Карел Шварценберг со освоени 23,40 отсто од гласовите заостанува само околу 42.000 гласови зад неговиот противкандидат.

За новиот чешки претседател може да гласаат над 8,4 милиони регистрирани избирачи, а во првиот круг тоа право го искористија три петтини од нив.

Со оглед на искуствата со сличниот изборен систем, од претходните сенаторски избори се претпоставува дека денеска и утре излезноста ќе биде помала.

Двонеделната кампања пред финалето помина во знакот на речиси секојдневни дебати и интервјуа. Најголеми дискусии предизвика ставот на Шварценберг за декретите на поранешниот чехословачки претседател Едвард Бенеш, врз чија основа по Втората светска војна, од земјата беа протерани над три милиони Судетски Германци, кои останаа без своите граѓански права и имоти.

Оваа изјава со особено внимание беше објавена и кај чешките соседи, Германија и Австрија.

– Јас секогаш велев и на тоа сега инсистирам, дека она што го направивме во 1945 година денеска би било осудено како грубо кршење на човековите права. Веројатно тогашната влада и претседателот Бенеш би се нашле во Хаг, изјави Шварценбер.

На ова веднаш реагираше и претседателот Клаус, кој смета дека на чешката јавност не и е и не може да и биде сеедно кога се прават обиди за преиспитување на повоените случувања.

За Милош Земан, тие документи се составен дел од чешкиот правен систем.

Шварценберг во своја одбрана, ги обвини Земан и Клаус како моќна група која ги мами чешките избирачи.

Тој истакна дека нивното здружување трае уште од 1998 година кога го потпишаа „опозицискиот догово“ за соработка меѓу нивните партии, левичарската ЧССД и десницата ОДС со цел да функционира малцинската влада на Земан (1998-2002).

Во битката со Шварценберг се вклучи речиси целото семејство на актуелниот чешки претседател. Неговиот син, Вацлав Клаус помладиот, кој е директор на приватна гимназија во Прага, изјави дека таткото на Тереза, сопругата на Карел Шварценберг, бил активен нацист.

Тој дури и отворено пред медиумите се потсмеваше со Шварценберг имитирајќи го неговиот неправилен изговор на чешките зборови, што наиде на осуда кај јавноста која смета дека таква комуникација не му одговара на еден просветен работник.

Првата дама Ливија Клаусова, исто така отворено ја критикуваше сопругата на Шварценберг дека не зборува чешки јазик. Земан пак предизвика реакции кај јавноста со напаѓањето на благородничкото потекло на неговиот противкандидат алудирајќи дека поради лагодниот живот е создадена „дегенерирана генерација“.

– Шварценберг го премолче фактот дека и неговите родители имаа околу себе нацисти и дури и во замокот на предците на неговата сопруга Тереза и сега висат портрети со свастики и луѓе кои салутираат фашистички поздрав, рече Земан за што подоцна се извини, бидејќи замокот неколку векови не е во сопственост на семејството на Тереза Шварценберг.

Би можело да ве интересира

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица

(ВИДЕО) Судар на возови во Чешка: четворица мртви, десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Чешкиот претседател имаше сообраќајка, пренесен е во болница

(ВИДЕО) Торнадо во Чешка подигна трамболина, а камењата летаа насекаде

Ден на жалост во Чешка