Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, предупреди дека секој напад врз неговата земја би предизвикал регионален конфликт, бидејќи САД ги зголемуваат своите воени сили во регионот.
– Американците треба да знаат дека ако започнат војна, овој пат тоа ќе биде регионална војна, изјави Хамнеи, објави новинската агенција Тасним.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Иран води „сериозни разговори“ и се надева дека тие ќе доведат до нешто „прифатливо“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за Си-Ен-Ен изјави дека е „уверен дека можеме да сепостигне договор“ за нуклеарната програма на Техеран. Трамп се закани дека ќе интервенира во Иран поради неговите нуклеарни амбиции и смртоносното задушување на антивладините протести.
Сепак, Арагчи изрази недоверба.
„За жал, ја изгубивме довербата во САД како партнер во преговорите“, рече тој, додавајќи дека размената на пораки преку пријателски земји во регионот овозможува „плодни“ разговори со Вашингтон.
Високиот ирански безбедносен функционер Али Лариџани претходно изјави дека преговарачката рамка се движи напред.
Како дел од военото засилување, САД го распоредија носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во регионот, а Централната команда на САД кон крајот на минатата недела соопшти дека носачот дејствувал во Арапското Море.
– Трамп постојано вели дека донел бродови. Иранскиот народ не се плаши од такви работи, рече Хамнеи.
Се очекуваше Иран да започне дводневни поморски вежби со боева муниција во Ормутскиот теснец, една од најважните бродски линии во светот и клучен извор на енергетски резерви, во понеделник. Сепак, Ројтерс цитираше ирански функционер кој изјави дека морнарицата на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) нема планови за таква вежба.