Изработката на резолуцијата, со која на Европската унија и се дава зелено светло за военопоморска мисија за пресекување на смртоносниот имигрантски бран во Средоземното Море е привремено запрена, се додека Либија не даде согласност за акцијата, изјавија вчера анонимни дипломатски извори, јави БТА.
ЕУ планира во рамки на мисијата да ги уапси трговците со луѓе и да ги заплени нивните бродови со цел да го спречи нелегалниот премин на се поголем број имигранти, кои бегаат од војните и сиромаштијата во Африка и Блискиот Исток, во некоја од европските земји.
Унијата за спроведување на оваа операција треба да добие согласност од Либија, но и одобрение од ОН за да може да дејствува на либиските територијални води и крајбрежните региони.
Европските членки на 15-члениот Советот за безбедност на ОН, Велика Британија, Франција, Литванија и Шпанија изготвуваат резолуција за добивање одобрение за операцијата согласно Седмото поглавје од Повелбата на ОН, кое дозволува употреба на сила.