Јутарњи лист – Загреб
Поранешниот британски премиер Тони Блер е еден од лидерите на идејата за „Третиот пат”, кој го разби политичкото единство на левиот центар, тврдат критичарите.
Блер е еден од ретките британски премиери, кој истовремено со завршувањето на мандатот ја остави и политиката.
Во случајот на Блер таа одлука се покажа посебно исплатлива. Поранешниот британски премиер имаше малку време за одмор од високата политика, со својата хуманитарна организација поголемиот дел од годината го поминува на пат, а со корпорацијата „Тони Блер Асошиејтс” склучува договори кои во изминатите 10 години му донесоа милиони и го направија еден од најбогатите поранешни британски премиери.
Кога и да фати слободен момент, одржува говори ширум светот за кои наплатува половина милион евра за половина час. Со така организиран професионален живот и резултатот од анализата на Џон Силкот, кој го обвинува за катастрофалните последици од војната во Ирак, човек би помислил дека на поранешниот британски премиер му е подобро да се држи подалеку од политиката.
Поради тоа посебно изненадување е изјавата на Блер дека наскоро може да се врати во светот на политиката.
Во неодамнешно интервју за едно реномирано списание Тони Блер изрази загриженост од актуелната состојба на британската левица. Неговиот наследник, лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин, партијата ја враќа во 60-те години, посебно мрачни во историјата на партијата, рече Блер, поради што размислува за тоа да се прифати да работи на спасување на партијата.
– Имам ли големи чувства кон тоа? Да, имам. Дали сум многу мотивиран од тоа? Да. Каде ќе тргнам од тука? Што точно направија? Тоа е отворено прашање, изјави Блер.
Очекувано, неговата изјава, иако за сега не нуди конкретни детали за негово евентуално враќање во политиката, покрена бурни емоции не само во политичките кругови во Велика Британија, туку и во јавноста која е поделена по прашањето за доживувањето на ликот и делото на Блер.
Слично е и внатре во Лабуристичката партија, која е поделена на два жестоко спротивставени табота.
Од една страна се т.н. корбиновци, собрани околу активистичката група Моментум, која делува како Корбинова Пи-Ар машинерија и се смета за најзаслужна за двете победи на Корбин во изборот за лидер на партијата.
Идеолошки спротивставените припадници од левиот центар, во политичките кругови познати како блеровци, кои Лабуристичката партија ја гледаат како модерна партија на левиот центар и се згрозени од критиките на Корбин на капитализмот и негирањето на заслугите на Блер.
На овогодишната конференција на Лабуристичката партија, одржана кон крајот на минатиот месец во Ливерпул, истакнатиот лабуристички политичар Том Вотсон, моментно на местото заменик на Корбин, одржа страствен говор со кој го предупреди својот шеф дека капитализмот не е непријател.
Спасувањето на левицата Тони Блер го гледа можеби како своја патриотска должност. Иако е неочекуван, за поранешниот премиер ова не е прв обид да се врати во политиката.
Тие кои го поздравуваат можното враќање на Тони Блер на политичката сцена поради тоа можат да повлечат паралела – ако поради притисок внатре во партијата Блер се откаже од својата идеја за враќање во политиката, Лабуристичката партија би можела да остане без човек кој е доволно харизматичен да ја обедини.