Португалија прогласи вонредна состојба на цела територија, со траење до 9 април 2020 година, со цел да го спречи ширењето на новиот коронавирус.
Во земјата се евидентирани 112 случаи на заболени од Ковид-19, од кои дури 34 во последното деноноќие.
Рикардо Батиста Лајт, професор и лекар по професија изјави: „Веднаш откажете сè, забава, конференција, свадба, крштевка. Откажете сè и останете дома. Правејќи го тоа ќе обезбедите уште еден лекар, уште една медицинска сестра и уште еден слободен кревет за сите тие што мора да бидат во болница“.
Лајт додаде дека вистината е таа и ако се продолжи вака, толку многу луѓе ќе бидат заразени што здравствениот систем на Португалија ќе доживее колапс.
Околу 100 медицински лица се веќе позитивни на коронавирусот и не се во можност да работат. Во споредба со остатокот од Европа, Португалија има најмал број на кревети на интензивна нега на 100.000 жители.
Мерките што ги најави Владата на Португалија вклучуваат и вработување нови доктори и медицински сестри, но без усогласени напори од населението и намалување на нивната изложеност на вирусот, вработувањето на нови медицински лица ќе биде безначајно, појаснуваат оттаму.
Што се однесува до мерките донесени за справување на Португалија со кризата, тие се поделени во неколку области, „Труд и економија, „Образование и јавни услуги“ и „Здравство“.
Меѓу мерките се прекин на наставата во сите предучилишни и училишни установи, ослободување од работа по еден родител за дете до 12 години, но со намалена плата, работа од дома секаде каде е можно…
Владата на Португалија апелира до децата дека следните две недели не треба да ги третираат како распуст, училиштата ќе даваат домашна работа што може да ја направат дома на нивните компјутери.