„Волт Дизни“ ја реализира зделката за откуп на „Твенти Фрст Сентери Фокс“

Од:

„Волт Дизни Компани“ по една година од објавата дека се здружува со „Твенти Фрст Сентери Фокс“ и официјално jа финишира зделката за откуп на поголем дел од активите на филмскиот и телевизиски холдинг.

Висината на зделката изнесува 71,3 милијарди долари и симболично беше заокружена денеска неколку минути по полноќ по локално време.

Гигантот „Дизни“, една од најголемите компании во филмската индустрија на САД, со ова го менува медиумскиот распоред на силите во однос на новите медиуми и станува еден од најважните конкуренти на „Нетфликс“ и другите стриминг компании. Компанијата годинава планира да го лансира свој стриминг сервис наречен „Дизни+“.

Под контрола на „Дизни“ сега ќе преминат филмските и телевизиски студија на „Твенти Фрст Сентери Фокс“, кабелските телевизиски канали на „Фокс“ и удел во стриминг сервисот „Хулу“. Компанијата, исто така, станува сопственик на популарните франшизи „Икс-мен“, „Аватар“ и „Симпсонови“.

Според договорот, ТВ каналот „Фокс Њуз“ не е опфатен со зделката.

Првиот човек на „Дизни“, Роберт Ајгер истакна дека здружувањето на компаниите е „историски момент“ и дека зделката ќе ги подобри содржините продуцирани од „Дизни“.

Би можело да ве интересира

Документарна серија за БТС доаѓа на стриминг-услугата на „Дизни“

И за вработениете во „Волт Дизни“ вакцинацијата е задолжителна

Катерина Ѓуровски

Над 1.500 ретки предмети од Дизниленд на аукција во декември во Лос Анџелес

Ана Ололовска

Дизни соопшти тажни вести: Почина Мини Маус

Ана Ололовска