Војската не дозволи претседателот на Бурунди да се врати во земјата

Од:

Групата високи армиски офицери на војската на Бурунди, кои претходно соопштија дека му ја откажуваат лојалноста на актуелниот претседател Пјер Нкурузиза, не дозволија тој да се врати во земјата.

Водачот на побунетата група,генерал мајорот Годефонд Нијамбарех наредил да се затвори аеродромот во главниот град Буџумбура, за да се спречи враќањето на претседателот од Танзанија.

Претседателскиот авион долетал од Дар ес Салам до главниот град на Бурунди, но по десетминутно кружење над аеродромот, морал да се врати назад, затоа што не можело да се обезбеди безбедно атерирање.

Нкурузиза престојуваше во соседна Танзанија, на Самитот на лидерите од земјите во Источна Африка, организиран поради кризната ситуација во Бурунди.Тој во Дар ес Салам слушна за „воениот удар„ на групата високи офицери, но еден од неговите советници ги отфрли гласовите за пучот, тврдејќи дека станува збор за шега.

Подоцна, во претседателското соопштение се тврдеше дека „пучот пропаднал„ и дека сите кои учествувале во него, ќе се најдат пред лицето на правдата.

Во Буџумбура, кога генерал мајорот Нијамбарех објави преку една радио станица дека е извршен воен удар во земјата, улиците на главниот град на земјата, се исполнија со илјадници луѓе кои се собраа за да ја „прослават победата“.

Извештаите од оваа земја, сепак, остануваат контроверзни, затоа што дел од армиските сили кои останале лојални на претседателот, се уште ја чуваат претседателската палата и ја имаат под контрола, главната радио станица во земјата.

Сепак, нема извештаи за меѓусебни судирања, а во Буџумбура, за прв пат, по три недели било мирно, затоа што престанаа уличните протести и судирите со полицијата, во кои досега загинаа повеќе од 20 лица.

Водачот на пучистите изјави дека решението за превратот е донесено поради длабоката политичка криза и масовните демонстрации, по најавата на претседателот дека сака и трет мандат на функцијата, иако Уставот на земјата дозволува само два претседателски мандати.

Генерал-мајорот Нијамбарех објави дека е создаден „национален комитет за спас„ на земјата, што сега управува со Бурунди.

Воени извори тврдат дека претставници на силите лојални на претседателот и на пучистите, почнале доцна синоќа преговори, во обид да се најде компромисно решение за излез од сегашната конфузија и за да се спречи ескалација на ситуацијата.

Цели 12 години во Бурунди траеше граѓанска војна во која загинаа или беа убиени повеќе од 200 илјади луѓе.Војната заврши во 2005 година, со потпишување мировна спогодба.Пјер Нкурузиза кој беше водач на бунтовниците, тогаш за прв пат беше избран за претседател.

Би можело да ве интересира

Масакр во Бурунди: Убиени се најмалку 20 луѓе, меѓу нив 12 деца, две бремени жени и еден полицаец

Горан Наумовски

Десет млади ракометари од Бурунди кои исчезнаа во Хрватска, сега се „појавија“ во Белгија

Горан Наумовски

Мистериозни исчезнување во Хрватска: Нема трага ни глас од 10 ракометари од Бурунди

Младите ракометари од Бурунди дојдоа во Хрватска на светското првенство, а потоа исчезнаа

Предраг Петровиќ

Бурунди нема да дозволи влез на специјалниот известувач на ОН во земјата

А1он

ВИДЕО: Изгоре затвор во Бурунди, починаа 38 затвореници

А1он