На Божик во 1989 година тој бил стражар на нивното мелодраматично формално судење, ги изнесол од зградата додека диктаторот ја пеел интернационалата, а неговата помалку прибрана жена вриштела – е*ете се! Потоа ги поставил пред ѕид и ги покосил со својот калашников.
Сето тоа се случило толку брзо што воениот фотограф кој го снимал судењето успеал да го фати само последниот рафал и телата кои се срушиле на земја. Но и тие неколку секунди го одбележале животот на тој падобранец.
– И денес сум нервозем кога зборувам за тоа – вели и ја стиска чашата со ракија. – Прекинав два живота. Во војна тоа е прифатливо, но многу е потешко кога убиваш невооружени луѓе. Тоа на никого не му го посакувам, иако мене убивањето на луѓе ми е работа.
Револуцијата ги јаде своите јунаци
Крупен човек со мустаци од матната снимка денес е дебел дедо кој не жали што токму тој го означил конечниот крај на владеењето на Чаушеску, стравот и бедата. И неговото семејство било меѓу милиони прогонети.
– Мојот дедо беше свештеник, либерал, поголем дел од животот го поминал во затвор – вели Бојери. – Тој бил навистина среќен по тие настани, среќен што режимот се промени, што Чаушеску е мртов. Ми рече: Без грижи, јас на себе ги земам сите твои гревови.
Не било лесно да се биде еден од најславните крвници на минатиот век. Тоа го платил со губење на приватноста и бракот со жената на која и пречела таквата мачна слава.
Бојери верува дека токму неговите куршуми го убиле Чаушеску, бидејќи кога почнал да пука, забележал дека еден од тројцата членови на стрелачкиот вод се скаменил на неколку секунди, а вториот заборавил да го стави оружјето на автоматско пукање, па успеал да испука само неколку поединечни куршуми.
Николае и Елена наводно се уште биле вљубени и побарале да умрат заедно, наспроти пресудата која барала одвоена ликвидација. Тој им ја исполнил последната желба и се теши што ги убил веднаш. – Ги застрелав многу брзо. Сметам дека им овозможив да умрат достоинствено – вели тој.
Романците од неговата генерација, кои во училиште учеле комунистичка теорија, а дома човечка суровост и денес прилично едноставно зборуваат за цената на политичките превирања. – Секоја револуција бара крв. А не заборавајте, револуцијата ги јаде своите јунаци – вели тој и слегнува со рамениците.
Се заколнале на лојалност па го застрелале
Бојери тогаш имал 31 година, бил војник во елитна падобранска чета и се јавил како доброволец за таинствената божикна мисија. Командата ја добиле само неколку моменти пред средбата со Николае Чаушеску кој само два дена пред тоа бил апсолутен владетел. – Министерот ме праша: Војнику, можете ли тоа да го направите? Одговорив: Можам. А што можев да одговорам?
Романија паѓаше во хаос, таа беше една од последните земји на советскиот блок на источна Европа, која го сруши комунистичкиот режим. Бојеровата чета во тајност ја следела револуцијата на радио Слободна Европа. Тоа радио имало прекар гуштерче, веројатно затоа што иако забрането успевало да се пробие низ пукнатините во ѕидините на пропагандите.
Целата чета на 21 декември била присилена да се откаже од лојалноста кон човекот кој Бојер ќе го застрела за помалку од една недела. – Не натераа да потпишеме изјава дека не се согласуваме со тоа што се случува и дека ќе го поддржуваме и штитиме Чаушеску. Утредента шокирани гледале како сивата зграда на Централниот комитет, седиште на комунистичката моќ, ја заземаат демонстрантите, а Чаушеску и сопругата бегаат со хеликоптер.
– Војниците плачеле од среќа, луѓето за кои попрво би помислиле дека се согласуваат со режимот, сега зрачеле од среќа. Го извадивме скриениот алкохол, многу лоша ракија и пиевме.
Потоа неколку дена во касарните не знаеле што да прават со себе. Било монотоно, но тензично.
– Барем да можам да го застрелам Чаушеску! Да ми падне во раце, што би направил? – рече еден негов пријател на Бадник.
Се викаше Дорин Цирлан, а веќе утредента и тој не знаејќи волонтираше за член на стрелачкиот вод.
За жал, доби и повеќе од тоа, вели Бојери. Кога се враќале од местото на судењето, хеликоптерот бил полн со обвинители, судии и високи воени лица и немало место, па Цирлан морал да седи на труповите. Тој е најмногу истрауматизиран – вели Бојери.
– Тогаш сите сакаа да бидат на наше место. Денес никој. – заклучи тој.
Хина – Загреб