Воените ветерани на удар на првиот ден на блокадата на САД

Од:

Првиот ден од блокадата на централната Влада на САД помина со многу симболични затворања и инциденти, со засега нејасни долгорочни последици, и со најави од двете страни дека нема да попуштат околу гласањето на буџетската резолуција за финансирање на Владата.

Претседателот Барак Обама, во своето обраќање до јавноста, ги обвини опозициските републиканци дека ја земале економијата на САД како заложник во идеолошка борба против неговиот пакет здравствени реформи познати како Обамакер.

Републиканците, пак, најавија дека, во Претставничкиот дом на Конгресот каде што имаат мнозинство, одделно ќе гласаат за финансирање на сите затворени владини институции и програми, но не и за Обамакер.

Обама, и демократите кои имаат мнозинство во Сенатот, веднаш го одбија овој предлог. Републиканците се обидоа да изгласаат некои од најнеопходните средства, за воените ветерани, за финансирањето на градот Вашингтон, како и за отворање на националните паркови, но не добија доволно поддршка од демократите за потребното двотретинско мнозинство.

Во меѓувреме, илјадници вработени во Вашингтон вчера не појдоа на работа, а насекаде низ градот можеа да се забележат знаци на блокадата.

– Поради недостиг на пари не сме во состојба да го примиме вашиот повик. Штом средствата ќе бидат повторно обезбедени, ќе продолжиме со нормални услуги, гласи пораката на телефонот на централата на Белата куќа, додека интернет нејзината страница се уште работи, но со предупредување дека количеството информации е ограничено поради недостигот на средства.

Вчера рано изутрина беше исклучена и веб камерата во кафезот на Меи Џијанг, кинеската панда, и нејзиното младенче, во Националната зоолошка градина во Њујорк. И, ако пандата беше првиот видлив симбол на блокадата на федералната Влада на САД во пресрет на затворањето, на првиот ден, тоа беа спомениците во Вашингтон, бидејќи една од најспорните одлуки е да се затворат многубројните спомен центри во Вашингтон, кои се на отворено и за чие разгледување не е потребна никаква помош.

Полициската служба постави барикади околу некои од најпопуларните споменици, за да ги спречи граѓаните да се приближат. Главната расправија на денот се случи околу Меморијалниот центар на Втората светска војна, голема фонтана на отворено, непосредно до Вашингтонскиот споменик и пред Меморијалниот дом на претседателот Линколн.

Група од неколку десетици ветерани кои се бореле во Втората светска војна од Мисисипи утрината ги отстранија полициските барикади и, иако многумина беа во инвалидски колички, влегоа да го посетат центарот.

Повеќе конгресмени дојдоа да им изразат поддршка и да ја спречат полицијата да не ги истера, по што центарот неколку часа остана отворен за јавноста, но околу 3 часот полицајци, засилени со коњаници, дојдоа и избркаа неколку десетици граѓани. Малку недостасуваше полицаец на коњ да изгази татко со две деца.

Една од најбизарните глетки на овој настан беше свадбата на Метју Хауард и Ентони Романо, геј двојка кои дојдоа во Меморијалниот центар да се венчаат, и тоа го сторија само неколку минути пред полицијата да дојде и да ги избрка.

– Знаевме дека е во тек блокада, но не знаевме што им значи тоа, бидејќи се работи за отворен простор. Не ни се веруваше дека ќе бркаат луѓе од центарот. Побрзавме да се регистрираме вчера, пред да биде блокирана Владата, но не стигнавме да ја имаме формалната церемонија. Само што завршивме со церемонијата кога полицијата дојде и почна да ги брка сите надвор. Беше серендипити, среќа во несреќа, изјави Хауард.

Кери и Робин Викс, туристи од Тексас, рекоа дека патувањето во Вашингтон го планирале со месеци наназад, и сакале да ги посетат Гробот на незнајниот јунак во националните гробишта во Арлингтон, музеите Смитсонијан во центарот на градот и секако Меморијалниот центар на Втората светска војна и Домот на Линколн.

Кери рече дека тој и сопругата не се согласуваат политички, но дека се согласни дека политичарите во Конгресот не смееле да дозволат да се случи овие знаменитости на Вашингтон да бидат затворени.

– Не е важно на која страна на спорот сте, ова е смешно, изјави Кери.

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак