Во Велика Британија денеска се префрлени 200 тони токсични хемиски материјали од Сирија, каде ќе бидат уништени.
Испораката ја следеа бродови на британската Кралска морнарица, во големата меѓународна операција што ја надгледува Организацијата за забрана на хемиското оружјеа, наведуваат американските медиуми.
Товарот пристигна во Саутемптон каде во моментов го проверуваат експерти, по што со 15 товарни возила ќе биде упатен во пристаништето Елсмер, во грофовијата Чешир, на уништување, јави Би-Би-Си.
Дел од сирискиот хемиски арсенал ќе биде уништен со помош на француската компанија „Veolia Environnement“.
Претставник на Министерството за одбрана денеска изјави дека овој материјал не е поопасен од индустриските хемикалии, а британските власти и „Veolia“ соопштија дека материјалите не соддржат „агенси на хемиско оружје“.
Американските медиуми потсетуваат дека Сирија во јуни предаде повеќе од 1.300 тони залихи на хемиски материјали за да ги избегне заканите од американски воздушни напади, особено по употребата на хемиско оружје во напад врз предградие на Дамаск што беше под контрола на бунтовниците во кој, како што се верува, погинаа повеќе од 1.000 лица.