Голем број Европејци поради невообичаеното студено време за овој период се прашуваат дали е време за Велигден или за Божик, а Велика Британија го дочека најстудениот Велигден од почетокот на мерење на температурите пред повеќе од 50 години.
Најниската температура во Велика Британија е забележана на првиот ден од Велигден на планините во северниот дел на Шкотска, каде температурата се спушти до минус 12,5 степени Целзиусови.
Претходниот „рекорд“ од почетокот на мерењето во 1960 години беше првиот ден од Велигден во 1986 година со речиси мунус 10 степени.
Просечните температури во овој период од годината во Велика Британија се движат од 10 до 13 степени, а март, со просечна температура од 2,5 степени, претходно е прогласен за најстуден месец од 1962 година.
Метеоролозите предвидуваат дека студениот бран во Велика Британија ќе трае до средината на април.
Покрај Велика Британија, под снег Велигден е дочекан и во некои делови на Германија, на Австрија, на Чешка, на Полска и на Словачка, како и во Скандинавија. Студениот бран во моментот се простира од Италија до Украина.