Во Сирија исчезна новинар на италијанскиот весник „Стампа“, Доменико Кирико, соопшти главниот уредник, Марио Калабрези.
Според неговите зборови 62-годишниот Кирико последен пат се јавил пред 20 дена.
-Тој се наоѓаше во областа Хомас, каде што собираше материјал. Дваесет дена го бараме во соработка со кризниот центар на министерството за надворешни работи –изјави тој.
Главниот уредник соопшти дека новинарот допатувал во Сирија на 6-ти април, преку либанската граница. Два дена подоцна разговарал со неговата сопруга, а на 9-ти април последен пат се слушнал со колега.
Новинската агенција „Ројтерс“ наведе дека Кирико е искусен воен репортер.
Италијанското министерство за надворешни работи соопшти дека новата министерка Ема Бонино лично ја следи ситуацијата со исчезнатиот новинар.
Елена Георгиевска