Во пеколот на нигериските „куќи за мачење“

Од:

Би-би-си, Лондон

Преживеан од нигериска „куќа за мачење“, во која полицијата извршила рација, опишува дека таму „живеел во пекол“.„Ако се молиш, тие ќе те тепаат. Ако студираш, тие ќе те истепаат“, рече за Би-би-си 29-годишниот Иса Ибрахим.

Речиси 500 мажи и деца се спасени од зградата во градот Кадуни, која служела како исламско училиште и поправен дом. Полицијата информирала дека станува збор за место на човечко ропство, бидејќи многумина од заробените лица биле во окови.

Некои жртви биле мачени и сексуално злоупотребувани, објавија нигериските власти.

Репортерот на Би-би-си, Ишак Калид, кој ја посетил зградата во северна Нигерија, вели дека има страв дека слични злоупотребувања се случувале и во други вакви институции.

Многу семејства во овој мнозинско муслимански дел од земјата не можат да си дозволат своите деца да ги испратат на училиште, а тие што тоа го можат честопати ги запишуваат во лоши регионални институции како оваа, објаснува Калид.

Во Центарот испратен да се „поправи во однесувањето“

Натписот на влезот во објектот го опишува како Центар за исламски учења на Ахмад бин Хамбал, но е користен и како место за превоспитување на младите мажи со проблеми во однесувањето.

Портпаролот на покраинската полиција на Кадуна, Јакуби Сабо, изјави дека откриениот „дехуманизиран третман“ не дозволува установата да се смета за исламско училиште, пренесуваат британските медиуми. Установата не била регистрирана како школо или поправен дом, иако на родителите им наплатувала надомест за „услугите“.

Во рацијата биле уапсени седум лица, вклучувајќи и дел од персоналот. Владата вели дека ќе ги истражи останатите институции што велат дека овозможуваат проучување на Куранот. Имало бројни известувања за злоупотреба во куранските училишта низ северна Нигерија, според кои учениците биле присилувани со денови да питачат по улиците. Ибрахим вели дека пред две недели во центарот го испратило неговото семејство, очигледно за „да го поправи своето однесување“.

Бил оставен врзан да виси од таванот

Вели дека еден ден пред доаѓањето на полицијата се обидел да побегне. Опишал дека го врзале за стариот генератор и дека бил ставен на особено брутално казнување, познато како „Таркила“, при што рацете му биле врзани и бил оставен да виси од таванот.

Имам многу повреди. Речиси на сите делови од телото имам повреди. Дури и кога спиете, тие ќе ве разбудат со тепање, рече Ибрахим, додавајќи дека бил гладен, бидејќи му давале само ориз. Луѓето во Центарот „ја губат својата енергија“, објасни Ибрахим.

Меѓу спасените деца има и такви на петгодишна возраст. Се верува дека оваа установа дејствувала неколку години. Повеќето заробеници биле од северна Нигерија, но двајца дошле и од Буркина Фасо. Виолетовата двокатна зграда изгледала како вистински затвор, опколена со високи ѕидови и бодлив тел. Има импресивна врата и повеќе од десет соби, со мали прозорци за вентилација.

Децата имале окови на себе

Кога репортерот на Би-би-си ја посетил зградата, сè во неа било преполно со ѓубре и напуштени домаќински предмети, како душеци, канти, облека и книги. Тоа очигледно останало по полициската рација. Портпаролот на полицијата кажа дека повеќето заробеници се спасени додека сè уште имале окови на себе. Синџирите сè уште можат да се видат во зградата, како и автомобилските гуми и бензински генератори за кои жртвите наводно биле врзувани.

Луѓето кои живеат во близина на зградата биле фрапирани, некои кажале дека не можат да веруваат во таквото шокантно откритие. Учениците не оделе во питачење по улиците, што била вообичаена практика во традиционалните курански училишта во ова подрачје. Ниту биле присилувани на тешка физичка работа, но некои велат дека со години не го виделе надворешниот свет. Мачењето било користено како облик на дисциплинирање, за да се поправи наводно лошото однесување.

Родителите не ги гледале децата

Семејствата доаѓале по своите деца во еден камп во Кадуна, во која жртвите биле пренесувани по спасувањето. Некои родители велат дека им било оневозможено да ги видат своите деца во школото.

– Да знаевме што се случува во школото, немаше своите деца да ги испраќаме таму. Ги испративме да станат луѓе, а тие на крајот биле злоупотребувани, рече родителот кој го идентификува своето дете.

Владата на сојузната покраина Кадуна објаснува дека сега ќе спроведе проверки во сите курански училишта низ регионот.

„Ова ни ги отвори очите“, рече Хафсат Баба, повереник на регионот Кадуна за граѓански работи и социјален развој. Таа додаде дека не може да замисли што се случува во руралните подрачја, ако размерите на злоупотреба во градот биле толку големи, пишува Би-би-си.

– Мораме да ги попишеме сите училишта. И мораме да се погрижиме да ги затвориме доколку ги прекршуваат владините одредби. Ако пронајдеме установа што мачи деца или спроведува вакви грозни работи, тоа ќе го процесираме, рече повереникот Баба.

Претседателот Мухамаду Бухари ги осуди шокантните злоупотребувања од извештајот. Исто така, тој ги повика верските и традиционални лидери да соработуваат со властите за да се „разоткријат и запрат злоупотребувањата што долго биле познати, но преку кои заедниците многу годни преминувале“.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО Поплавите уништија нигериски град, на улиците „врие“ од крокодили и змии

Се урна училиште во Нигерија – загинаа 22 ученици, 150 се заглавени под урнатините

A1on

Најмалку 18 луѓе загинаа во бомбашки напад во Нигерија

Повеќе од 100 гости на свадбата се удавија во Нигерија кога нивниот брод се преврте

Најмалку 54 лица загинаа во експлозија на бомба во централна Нигерија

ВИДЕО: Свештеник жив запален во Нигерија

А1он