Во Париз и Брисел во присуство на високи светски официјални лица, во тек се состаноци посветени на состојбата во Сирија.
Американскиот државен секретар Џон Кери и министрите за надворешни работи на Франција и Русија Лоран Фабијус и Сергеј Лавров ќе се состанат во Париз, додека за Сирија во Брисел ќе разговараат европски министри за надворешни работи.
Состаноците се одржуваат откако Дамаск соопшти дека во јуни ќе присуствува на конференцијата „Женева два“, посветена на Сирија, чие што одржување го иницираа Москва и Вашингтон.
Сириската опозиција се уште не го потврди учеството на конференцијата и во повеќе наврати повтори дека заминувањето од власт на сирискиот претседател Башар ал Асад е услов за учество на Сириската национална коалиција на тој собир.
Фабијус изрази надеж дека состанокот во Париз претставува значаен напредок за подготовките на „Женева два“.
На состанокот во Женева ќе се разговара за снабдување со оружје на сириските бунтовници, за што веќе долго европските држави не најдоа заеднички став.
Министрите за надворешни работи ќе разговараат и за продолжување на санкциите за сирискиот режим .
Одржувањето на конференцијата „Женева два“ е предлог на САД и Русија, како обид да се стави крај на двегодишната граѓанска војна во која загинаа повеќе од 94.000 лица.
Елена Георгиевска