Во напад на две американски беспилотни летала убиени се талибански командант, неговиот заменик и уште 11 екстремисти во Јужен и Северен Вазиристан, Пакистан.
Според пакистански безбедносни извори, загинале девет талибанци, меѓу кои и Маулви Назир, командант од племето Вазир, кога ракетите ја погодиле куќата во местото Ангор Ада. Во нападот загина и неговиот заменик Рата Кан.
Во американските напади на беспилотните летала последните години убиени се поголем број талибански лидери, меѓу кои и Бајатулах Мехсуд во 2009 година. Нападите со беспилотни летала драстично се зголемија откако Барак Обама стана претседател на САД.
Во 2007 година имало пет такви напади, а во 2010 година – 117.
Иако цел на нападите се екстремистите, често се случува да има и цивилни жртви.