Полицијата во северниот дел на Нигерија уапси тројца радио новинари под обвинение дека нивната емисија за гласините поврзани со вакцината против детската парализа поттикнала напади во кои се убиени најмалку девет жени.
Полицискиот комесар Ибрахим Идрис изјави дека новинарите вработени во радио станицата „Вазобиа ФМ“ ќе бидат обвинети за убиство. Претставниците на радиото се уште не го коментираат обвинувањето.
„Вазобиа ФМ“ минатата недела емитуваше програма во која беше опишано како еден од новинарите бил малтретиран од страна на владин претставник, бидејќи снимил како еден човек одбива неговото дете да прими вакцина. Во програмата се расправало и за гласините кои се шират во северниот дел на Нигерија, каде претежно живеат муслимани, дека вакцината предизвикува неплодност кај девојките.
Нигерија е една од трите земји каде детската парализа и понатаму е ендемска појава.