Реморкер, кој бил ангажиран за влечење на танкер на американската нафтена компанија „Шеврон“ потона покрај брегот на Нигерија, а сите 12 морнари се водат како исчезнати, изјави денеска портпаролот на компанијата „Си таск груп“, која го ангажирала реморкерот, Кори ван Кесел.
– Можам да го потврдам инцидентот и оти 12-те членови на екипажот исчезнале. Инцидентот се случил во неделата наутро. Во тек е голема спасувачка операција, истакна Ван Кесел.
Таа истакна дека реморкерот „Џексон 4“ потонал на околу 15 наутички милји од брегот во близина на нафтениот терминал на компанијата „Шеврон“, покрај брегот на нигериската држава Делта.
Ван Кесел изјави дека се уште не е позната причината за несреќата.
Таа додаде дека нуркачи се во потрага по исчезнатите морнари и оти истрагата за несреќата е во тек.
„Шеврон“ со седиште во Сан Рамон во Калифорнија, работи во Нигерија преку договорот, кој го склучила со Нигериската државна нафтена компанија.