Во Нигерија вооружен напаѓач киднапирал осум лица од станбена зграда во која живееле вработените во локалната болница, меѓу кои и едногодишно дете, додека истовремено е извршен вооружен напад врз полициската станица во близина, потврди денеска полицијата.
Државата Кадуна во северозападна Нигерија е изложена на бран вооружени напади и киднапирања за кои киднаперите бараат откуп, а особено на удар е болницата на Националниот центар за третман на туберкулоза и лепра, која била мета трипати.
Портпаролката на болницата Меријам Абдулразак рече дека нападот траел околу еден час и потврди дека биле киднапирани шест лица, иако полицијата тврди дека киднаперите однеле осуммина.
Од декември минатата година, повеќе од 800 студенти се киднапирани во северна Нигерија, а 150 се уште се водат за исчезнати.