Во Мексико е уапсен Мигел Анхел Тревињо, кој важи за шеф на озлогласениот криминален картел Зетас.
– Информацијата ја добивме од Министерството за воена морнарица. Тие извршиле важно апсење, тоа на Мигел Анхел Тревињо, во понеделникот во раните утрински часови, соопшти извор од мексиканскиот Федерален суд, кој посакал да остане анонимен.
Шефот на групата Зетас, која важи за најопасната во Мексико, е приведен заедно со уште две други лица во градот Нуево Ларедо на границата со САД, во североисточно Мексико.
Веста за приведувањето на Тревињо е потврдена и од Министерство за внатрешни работи на Мексико.
Ова е најзначајното апсење на припадник на организираниот криминал во Мексико откако претседателот Енрике Пена Нието стапи на должноста во декември минатата година.
Тој на функцијата го замени Фелипе Калдерон, чиј мандат (2006-2012 година) беше одбележан со бран на насилство меѓу криминалните групи, во кое за шест години беа убиени над 70.000 лица.