Крсто Марош (47), висок член на озлогласениот Кавачки клан од Котор, е уапсен во Шпанија. Како што објави Управата на црногорската полиција, Марош е пронајден и уапсен во Малага, врз основа на црвена потерница издадена од Интерпол-Подгорица.
Тој се бара под сомнение за сторено тешко убиство и формирање криминална организација, а со години успешно ја избегнува правдата користејќи повеќе лажни идентитети.
– Благодарение на директната размена на оперативни и разузнавачки информации помеѓу Управата на полицијата и службите за целно пребарување на земјите-членки на ЕУ, прецизно го лоциравме бараното лице – се наведува во соопштението.
Истрагата покажува дека Марош долго време бил во бегство, криејќи се и движејќи се низ територијата на Шпанија, користејќи фалсификувани документи. По апсењето, ќе биде покрената постапка за екстрадиција меѓу Црна Гора и Шпанија.
Црногорските истражни органи очекуваат негова екстрадиција за да одговара пред законот за најтешките кривични дела.