Во Франција денеска е Ден на жалост во знак на сеќавање за убиените во вчерашниот напад на исламистите во редакцијата на сатиричниот весник „Шарли ебдо“ во Париз.
Францускиот претседател Франсоа Оланд најавувајќи го денешниот Ден на жалост, истакна дека во овие моменти во оваа земја „единството е главното оружје“.
Во телевизиското обраќање Оланд додаде дека во текот на следните три дена знамињата во Франција ќе бидат спуштени на половина копје, пренесоа француските медиуми.
– Слободата секогаш ќе биде посилна од варварството, истакна францускиот претседател.
Вооружени маскирани напаѓачи вчера упаднаа во редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ во Париз, познат по карикатурите на исламските лидери, и притоа убија најмалку 12 лица, од кои 10 новинари и двајца полицајци, по што избегаа.
Ова е најсмртоносниот терористички напад во Франција во последните 40 години.