Археолозите од Универзитетот во Хаен открија нова гробница со остатоци од пет речиси комплетни мумифицирани скелети на крокодил и пет мумифицирани черепи од крокодил, кои датираат од предптолемејската ера пред 304 година п.н.е., објави порталот „Херитиџ дејли“.
Според британскиот сајт кој објавува научни откритија од областа на археологијата, антропологијата и палеонтологијата, крокодилите се користеле за време на ритуали посветени на древниот египетски бог Собек, кој бил прикажан во форма на крокодил или како човек со глава на крокодил.
Собек исто така бил поврзан со фараонската моќ, плодноста и воената моќ, но бил и бог заштитник од опасностите што ги носи Нил.
„Повеќе од 20 гробници со мумии на крокодили се познати во Египет, но неверојатно е да се најдат 10 добро сочувани мумии на крокодили заедно во недопрена гробница“, рече Беа Де Купере, археозоолог од Кралскиот белгиски институт за природни науки (RBINS).
За повеќето мумии собрани од музеите кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, главно младенчиња, не се знае точно од каде потекнуваат, изјави таа. Резултатите од ископувањето, кои се објавени во списанието „PLOS ONE“, покажуваат дека крокодилите од гробницата се долги меѓу 1,8 и 3,5 метри, а остатоците припаѓаат на крокодилот од Нил и на западноафриканскиот крокодил.