Претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент Џон Бекоу вечерва одобри вонредна расправа за Брегзит. Расправата е на барање на пратениците кои се обидуваат да изнајдат начин да се избегне излегување на Велика Британија од Европска Унија без договор.
Беркоу изјави дека расправата е во тек и ќе трае околу три часа, а потоа пратениците ќе гласаат дали утре ќе се изјаснат за законот, со кој премиерот Борис Џонсон ќе биде принуден да го одложи Брегзит за три месеци, кој е планиран на 31 октомври.
– Тоа е нашата последна можност да ја искористиме приликата. Ако не дејствуваме денеска, можеби нема да добиеме друга шанса. Без оглед дали луѓето гласаа за излегување или останување, не гласаа за гаснење на демокраријата, изјави лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин на почетокот од расправата.
Владата на Џонсон денеска го изгуби мнозинството во Парламентот откако пратеникот Филип Ли премина во опозициската Либерално-демократска партија.
Џонсон е одлучен Велика Британија да излезе од ЕУ на 31 октомври со или без договор, а исто така е подготвен доколку конзервативците не добијат мнозинска поддршка на 14 октомви да распише предвремени парламентарни избори.
Корбин претходно изјави дека лабуристите се подготвени за избори.