Британска полиција денеска уапси 32-годишен маж поради закани што преку Твитер ги упатил кон една политичарка и една активистка за правата на жените.
Станува збор за лице од Бристол, а ова е трето апсење во врска со случајот што веќе две недели е во центарот на вниманието на јавноста.
Стела Криси од опозициската Лабуристичка партија добивала закани што кулминирале кога во еден „твит“ била поставена фотографија на маскиран човек кој држи нож.
На активистката Каролин Кријадо-Перес и се заканувал со силување бидејќи спровела успешна кампања за тоа ликот на писателката Џејн Остин да се постави на банкнотата од 10 фунти.
Закани преку Твитер им биле упатувани и на новинарки.
Оделни корисници изминатиот викенд ја бојкотираа оваа популарна социјална мрежа за да укажат на застрашувањата што ги спроведуваат таканаречените интернет „тролови“, чија цел обично е да прават проблеми и да ја попречуваат комуникацијата на интернет, а често пати и да ги навредуваат учесниците во дискусиите.
Голем број критичари бараат од Твитер да преземе чекори за да го спречи малтретирањето на корисниците, а оваа социјална мрежа да вработи дополнителен персонал за да го реши овој проблем.