Британската агенција за стандарди во исхраната соопшти дека нејзиното истражување, направено во Бирмингем и во Лондон, откри нова измама кон домашните потропувачи.
Во готовите јадења, како јагнешко во кари, или јагнешки ќебап, што ги приготвуваат рестораните за брза исхрана, не е најдено ниту еден грам јагнешко месо.
При проверката, инспекторите откриле дека дури во 40 отсто од јадењата што требало да бидат со овој вид месо, немало никакви траги од јагнешко, а во другите тоа се наоѓало во минимални количини.
Наместо месо од јагне, откриено е најмногу говедско месо кое е поевтино, како и пилешко и мисиркино месо.
Истражувањето е направено на барање на Европската комисија, по минатогодишниот голем скандал со коњското месо, кога во меленото месо и во подготвените бургери наместо говедина, имаше коњско месо.
Поради откриената измама, големите трговски фирми и компаниите кои продаваат храна мораа да ја уништат сета готова храна и сите производи во кои неместо говедско месо, беше најдено коњско.
Британската агенција сега наложи проширување на истрагата низ земјата и на други јадења во кои треба да има јагнешко месо и за тоа ги овласти општинските власти.
Во Лондон, како и во Бирмингем каде има голема муслиманска заедница, производите од јагнешко месо се бараат и се трошат, па британските власти настојуваат да спречат нова афера во која се измамуваат потрошувачите.
Засега не е побарана интервенција на полицијата, ниту е отворена истрага, но сопствениците на рестораните за брза исхрана се предупредени дека ќе бидат казнувани со по пет илјади фунти, доколку кај нив се најдат јадења во кои нема јагнешко, а тие се декларирани дека содржат од овој тип месо.