Во Бангладеш денеска е усвоен нов Закон за работни односи, со кои се подобрени правата на вработените и безбедноста на работните места.
Претседателот на парламентарниот одбор за труд Исрафул Алам истакна дека со новиот закон се обезбедуваат правата за милиони работници, вклучително и за тие кои работаат во текстилната индустрија и шијат за нарачателите од западните држави.
Алам новиот закон го нарече историски. Според новите одредби, на работниците веќе не им е потребна согланост од сопствениците на фабриките да формираат синдикат, а задолжително е и осигурување на вработените.
Исто така, нема да бидат дозволени градежни измени во фабриките без дозвола на владините инспектори. Во Бангладеш зградите често се доградуваат, а темелите тоа не можат да го издржат.
Деветкатна зграда „Рана плаза“, во која беа сместени неколку текстилни фабрики и продавници и на која и беа доградени два ката, се урна на 24 април, при што загинаа 1.129 луѓе.
Синдикалните лидери соопштија дека го анализираат новото законодавство.