Осумкатна зграда, во која имало фабрика за шиење облека и пазар, во предградие на престолнината на Бангладеш, денеска се урнала убивајќи најмалку 25 лица и ранувајќи над 500, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на локална телевизија.
Полициски претставник соопшти дека пожарникари и војници работат на спасувањето на затрупаните луѓе во зградата и дека ситуацијата е „катастрофална“.
Според него, сопствениците на фабриката, во дистриктот Савас, се чини, ги пренебрегнале предупредувањата да не ги пуштаат работниците во зградата, откако претходниот ден таму била забележена пукнатина.
Шивачката индустрија во Бангладеш, што е во процут, во последните години постојано е следена од пожари и други инциденти. Во ноември минатата година 112 работници загинаа во пожар во индустриското предградие на Дака, потсетуваат британските медиуми.