Иако уште не е познато точното место и време за состанокот на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Владивосток се подготвува да ги пречека двајцата лидери.
Медуми јавуваат дека во овој руски град на Далечниот Исток се забележани припадници на севернокорејското обезбедување и протоколот, кои ги прават последните подготовки.
Москва и Пјонгјанг потврдија дека Ким ќе ја посети Русија, но не ги открија локацијата и датумот.
Медиуми шпекулираат дека Ким најверојатно ќе пристигне во Владивосток со воз, а разговорите меѓу двајцата лидери ќе бидат одржани в четврток.
Ако патува со воз, ќе му требаат 20 часа да помине 1.200 километри.
Знамиња на двете земји се истакнати на главните сообраќајници каде што треба да минат делегациите, како и на рускиот Далекуисточен федерален универзитет, каде е можно да се одржи состанокот.
Медиуми забележале црн „мајбах“, ексклузивниот автомобил на Ким и „мерцедес бенц Ц- класа“.
Во Владивосток пристигнала сестрата на Ким, Ким Јо Џонг и други официјални лица.