Поранешниот британски министер за надворешни работи Вилијам Хејг предупреди дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе има негативен одраз врз позицијата на земјата во европската политика.
– Брегзит, без сомнеж, ќе и наштети на Британија во нејзината соработка со другите во ЕУ, околу прашањата поврзани со надворешната политика и со британските можности да влијае врз случувањата во светот, изјави Хејг во Поткомитетот за надворешни работи на Горниот дом на Парламентот во Лондон.
Според него, Велика Британија ќе се најде во ситуација да ги потикнува земјите од Балканот да се приклучуваат во ЕУ и на тој начин да биде во улогата на фактор кој ќе помага за стабилизација на европскиот континент, а во исто време да води преговори со Брисел околу напуштањето на Унијата.
Тој оценува дека ваквата политика на Балканот ќе ја прави Велика Британија еден од факторите во креирањето на политиката во Европа, но сепак Брегзитпт сигурно ќе му наштети на британското делување со другите во ЕУ кога станува збор за надворешната политика и за влијанието на официјален Лондон.
Хејг, кој сега ја има титулата лорд и е член на Горниот дом, потенцира дека досега Велика Британија имаше една од главните улоги во Комитетот за политичка безбеднст на ЕУ, што според него, беше многу поголема, отколку улогата во секторот на финансиите и економијата.
Во своето обраќање пред членовите на Комитетот, Хејг предложил Велика Британија да побара од Унијата да остане во членството на ова европско политичко тело, затоа што тоа е потребно и важно за британските интереси.
– Еден ваков аранжман на Лондон со Брисел би помогнал за ублажувањето на штетата која Брегзитот, секако, ке ја предизвика, изјави Хејг, инсистирајќи дека тоа би ја „засилилило британската тежина“ во светската политика.
Според поранешниот шеф на Форин Офисот, на Велика Британија би и било овозможено да биде дел од заедничкиот одговор на разни прашања, како што се санкциите кон Иран или заштитата на британските интереси во врска со Фокландските Острови.
Како членка на ЕУ, Велика Британија во спорот со Аргентина, околу овие Острови во Јужниот Атлантик, секогаш имаше силна подршка од сите земји членки, но по Брегзит тоа ке го нема, а аргентинската дипломатија вече дејствува во Европа испитувајќи како во иднина ќе се однесува Унијата.