САД нема да заземат страна во случувањата во Египет, изјави денеска американскиот заменик државен секретар Вилијам Барнс, кој е во дводневна посета на земјата.
– Ние не застануваме зад конкретни личности или конкретни партии. Не дојдов со американски решенија, ниту дојдов некого да подучувам. Ние нема да се обидеме да го наметнеме нашиот модел на Египет, посочи Барнс.
Тој ја повика армијата да се воздржи од политички мотивирани апсења, откако беа уапсени членови на Муслиманско братство, а соборениот претседател Мохамед Морси е во притвор на непознато место.
– Ако се приведени или исклучени претставниците на некои од најголемите партии во Египет, како е можно да има дијалог, запраша Барнс.
Тој апелираше и до приврзаниците на Морси да учествуваат на мирен начин во политичкиот процес.
Барнс денеска се сретна со привремениот претседател на Египет Али Мансур. На состанокот во претседателската палата во Каиро присуствуваа и амбасадорката на САД во Египет, Ана Патерсон, како и политичкиот советник на Мансур, Мустафа Хицази. По средбата немаше изјава за медиумите.
Предвидено е Барнс да се сретне со потпретседателот одговорен за надворешни работи Мухамед Барадеј, министерот за одбрана Абдулфетах ал Сиси, како и со други египетски високи претставници.
Барнс вчера се сртетна со новиот египетски премиер Хазим Баблави.