ВИДЕО: Жесток напад, експлозии, мртви и повредени во Киев

Од:

Најмалку девет лица загинаа, а 27 се повредени, меѓу кои и четири деца, во ноќешниот руски ракетен напад врз Киев. Низ украинската престолнина во текот на ноќта одекнуваа силни експлозии, а густ чад се издигна над градот по ударите на балистички ракети.

Украинската Државна служба за вонредни состојби соопшти дека досега се спасени 105 лица. Пожари и оштетувања на станбени згради, деловни објекти и индустриски капацитети се регистрирани во најмалку пет градски општини. Најтешко погодена е населбата Дарницки, каде што загинаа седум лица, а уште 14 се повредени, меѓу нив и две деца.

Ова е втор голем руски напад врз Украина за помалку од 48 часа.

Нападот започнал околу 1:33 часот по локално време, кога во Киев одекнале серија силни експлозии. Истовремено, украинското воено воздухопловство предупредило дека кон градот се движат повеќе балистички ракети. Нови експлозии следеле околу 2:00, 2:16 и 3:20 часот.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика граѓаните веднаш да се засолнат, предупредувајќи дека градот е под напад со руски балистички ракети.

Според локалните власти, проектилите погодиле станбени и деловни објекти, магацини, автоперални и паркинзи. Во неколку станбени згради жителите останале заробени по ударите.

Во населбата Соломјански, остатоци од ракета погодиле петкатна станбена зграда, предизвикувајќи пожар и делумно уривање. Кличко соопшти дека спасувачките екипи интервенираат за извлекување на заробените жители.

Слична ситуација е регистрирана и во населбата Шевченкивски, каде што по делумното уривање на зграда исто така останале заробени луѓе.

Во истата населба се запалила деловна зграда, како и неколку возила на итната помош. Пожарот подоцна бил ставен под контрола, а една повредена личност е пријавена. Дополнително, избувнал пожар и во кругот на филмско студио, кој исто така е локализиран.

Пожари се регистрирани и во населбите Холосијивски, Дарницки, Шевченкивски и Соломјански, а оштетени се повеќе станбени објекти низ градот.

Во Киевската област, надвор од главниот град, повредени се уште две лица, соопштија украинските служби за итни случаи.

Русија и претходната ноќ изврши масовни напади со дронови и ракети врз повеќе украински градови, меѓу кои и Лавов. Во тие напади загинаа најмалку осум лица, а повеќе од 50 беа повредени. Воздушната тревога тогаш беше активирана и во источна Полска, откако една руска ракета падна на поле во Лублинската област.

Москва во последните месеци сè почесто ја напаѓа украинската престолнина со балистички ракети, со цел да ја преоптовари украинската противвоздушна одбрана и да предизвика што поголема штета.

Балистичките ракети, особено хиперсоничните „Циркон“ и „Искандер“, тешко се пресретнуваат, а системите „Патриот“ остануваат единствената ефикасна одбрана. Украина, сепак, се соочува со недостиг од ракети-пресретнувачи.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД размислуваат да ѝ дозволат на Украина лиценцно производство на ракети за системот „Патриот“, но неколку часа пред најновиот напад ја ублажи таа изјава.

„Не сме се обврзале на тоа. Разговараме, но е тешко да се отстапи таква технологија“, изјави Трамп.

Би можело да ве интересира

Русија испраќа сметка до Европа, бара обештетување и враќање на 263 милијарди евра

(ВИДЕО) Зеленски: Иран ни се заканува, но нè нападна одамна

Истражување: ChatGPT и Gemini ширеле руска пропаганда

ВИДЕО: Жесток украински напад, големи пожари и жртви во Белгород и Ростов

Катерина Ѓуровски

Песков: Изјавите на новиот украински командант ја потврди исправноста на „специјалната воена операција“

Предраг Петровиќ

Русија ја нападна изложбата на оружје кај Киев: Многу загинати и повредени

Предраг Петровиќ