ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија не може да војува без помош од Северна Кореја

Од:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија за првпат во својата историја не може да води војна без поддршка од Северна Кореја. Тој предупреди дека Москва, во исто време, му помага на Пјонгјанг да ги унапреди вооружувањето и воените способности.

Според Зеленски, Русија подготвува распоредување на дополнителен севернокорејски воен контингент на своја територија, а од Пјонгјанг добила и нова пратка балистички ракети, објави „Киев Пост“.

„Ова е првпат во руската историја да немаат стратешка резерва. Првпат не можат да водат војна без помош од Северна Кореја“, рече Зеленски во своето синоќешно видеообраќање.

Зеленски оцени дека последиците од воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг се протегаат многу пошироко од Украина.

Според него, Северна Кореја преку соработката со Русија добива можност да ги усовршува своите балистички ракети и другото оружје преку искуството стекнато во реални борбени услови.

„Не станува збор само за животите на луѓето во Украина, ниту само за заканите што се директно насочени кон нас“, порача украинскиот претседател.

Од Киев оценуваат дека војната во Украина станува своевиден полигон за обука на севернокорејските сили. Севернокорејските војници што учествуваат во борбите стекнуваат искуство во борба против украинските сили, кои користат западно оружје, беспилотни летала, електронско војување и современи борбени тактики.

Зеленски директно ги посочи Јапонија, Јужна Кореја и Филипините како земји кои, според него, би можеле да се соочат со посилна и поискусна севернокорејска армија.

„Кога зборуваме за заедничко дејствување, координација и помош за зајакнување на нашата противвоздушна одбрана, зборуваме и за спречување на намерата на Северна Кореја со своето оружје да дојде овде – во нашата земја и на нашето небо – за да учи како да војува“, рече Зеленски.

Тој повторно предупреди дека Москва подготвува дополнително распоредување на севернокорејски војници и дека добива нови балистички ракети од Пјонгјанг.

Според Зеленски, продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја ја прави војната во Украина сè поголем безбедносен предизвик и надвор од границите на Европа.

Би можело да ве интересира

Руски канали: Завршено опкружувањето на Орихив, падот на градот е „прашање на денови“

(ВИДЕО) Нова руска воздушна офанзива врз Киев: Има повредени, активирани сирените за опасност

Предраг Петровиќ

Зеленски призна: Складиште со муниција било во близина на станбените објекти

(ВИДЕО) Експлозии и пожари од двете страни: Загинати кај Киев, погодени магацини во Ростовската област

ВИДЕО: Дронови ја нападнаа Москва

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Откриена вистинската причина за посетата на директорот на ЦИА на Москва