Авион на компанијата „Туркиш ерлајнс“ со 238 патници ја промаши денеска пистата при слетување на аеродромот во Катманду и се приземји во блиско поле.
Некои од патниците поминале со полесни повреди.
При слетувањето имало густа магла, а пистата била лизгава по дводневни дождови.
Авионот полетал од Истанбул по седумчасовен лет половина час кружел над Непал пред да се приземји од вториот обид.
Меѓународниот аеродром во Катманду е затворен по овој инцидент.
На социјалните мрежи се објавени фотографии на турскиот авион на кои се гледа дека предниот дел на леталото е оштетен, а локални медиуми наведуваат дека при слетувањето откажале кочниците.
Патниците наведуваат дека по слетувањето во авионот се појавил чад, поради што луѓето тешко дишеле.