Катастрофалните поплави во кинеската провинција Хенан, според официјални извори, досега одзедоа 33 животи, а повеќе од 250.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради поројните дождови и невремето кое не стивнува речиси цела недела.
Меѓу снимките од уништувањето со кои се преплавени социјалните мрежи, се појавија и повеќе трогателни видеа на кои се забележани примери на човечкото херојство во големата природна катастрофа.
Од човекот кој скокна во разбеснетата буица за да спаси жена која се давеше, до сопственикот на продавница кој понуди струја преку продолжни кабли за луѓето во Џангџоу да можат да си ги наполнат мобилните телефони, еве ги снимките кои даваат надеж дека човечноста постои и во најтешките моменти.
Други снимки направени со дрон, ја покажуваат целата разорност на потопот што ја погоди провинцијата Хенан, за кој во Кина се вели дека е најголемиот во последните 1.000 години. Автомобилите во десетмилионскиот град Џенгџоу се насукани на поплавените улици, кои не се гледаат под неколку метри вода.
Околу три милиони луѓе живеат во подрачјата зафатени од поплавите, а вкупно се поплавени 215.000 хектари земјоделско земјиште. Директната економска штета засега се проценува на околу 200 милиони долари.