Азиските берзи нагло пораснаа, како и вчера на Волстрит, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го одложи спроведувањето на дополнителните, реципрочни царини.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за повеќе од 4 отсто во 6:30 часот.
Јапонскиот индекс Никеи скокна за повеќе од 8 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,9 и 5,4 отсто.
Азиските берзи го следат вчерашниот силен скок на Волстрит, каде индексот Dow Jones порасна за 7,9 отсто, додека S&P 500 скокна за 9,5 отсто, а Nasdaq индексот за 12,2 отсто.
Најголемиот дневен скок на индексот S&P 500 од светската финансиска криза во 2008 година следеше откако Трамп на социјалните мрежи објави дека привремено, за 90 дена, ќе ја одложи примената на реципрочните царини за сите земји, освен за Кина, на која дополнително ќе ги зголеми царините на вкупно 125 проценти.
Министерот за финансии Скот Бесент на прес-конференција објасни дека реципрочните царини ќе се одложат, а основната царина од 10 проценти ќе се плаќа за увоз на речиси сите стоки во САД.
Одложувањето нема да се однесува на претходно воведените секторски царини за автомобили, челик и алуминиум, како и за царините од 25 отсто за Канада и Мексико, а во наредните месеци Вашингтон ќе преговара со трговските партнери за нови услови за меѓусебна трговија.
Зголемувањето на царините за увоз на кинески стоки на вкупно 125 отсто е одговор, рече Трамп, на кинеското зголемување на царините за увоз на американски стоки на 84 отсто.
„Одложувањето на тарифите ги изненади инвеститорите, како што беше потврдено од силниот пораст на цените на акциите. Очигледно, апетитот за поризични инвестиции се зајакна по најавата на Трамп. Но, со оглед на тоа што тарифите остануваат на сила, ова е сепак драматично зголемување на ефективната царинска стапка во САД на речиси 20 проценти“, рече Џеф Шулце, стратег во ClearBridge Investments.
И покрај тоа што Трамп ги зголеми вкупните царини за кинескиот увоз на 125 отсто и иако кинеските царини за американскиот увоз од 84 отсто стапија на сила денеска, кинеските берзи пораснаа.
„Не верувам дека ниту едната страна ќе попушти во следните неколку дена, но порано или подоцна ќе има преговори. Многу е неизвесно до кои нивоа ќе се намалат тарифите за време на преговорите, така што може да се очекува неизвесно тргување во наредниот период“, вели Пол Ешворт, економист во Капитал Економикс.
Силен раст на цените на акциите се очекува и на европските берзи денеска. Фјучерсите на Eurostoxx 50 и франкфуртскиот DAX индексот моментално се во пораст за околу 9 проценти, а лондонскиот FTSE индекс за околу 6 проценти.
И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути се зголеми.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 102,70 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 102,20 поени.
Курсот на американскиот долар во однос на јапонската валута се лизна за 0,6 отсто, на 146,80 јени.
Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0985 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,1045 долари.
Цените на нафтата, пак, загубија дел од вчерашните добивки. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава падна за 1,36 отсто, на 64,60 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,15 отсто, на 61,60 долари.
На Волстрит, индексот S&P 500 скокна за 9,5 отсто, што е негов најголем дневен скок во последните 17 години, откако американскиот претседател Доналд Трамп го одложи спроведувањето на дополнителните царини за сите земји освен Кина.
Индексот Dow Jones се зголеми за 7,87 отсто, на 40.608 поени, додека S&P 500 скокна за 9,52 отсто, на 5.456 поени, а индексот Nasdaq скокна за 12,16 отсто, на 17.124 поени.
За S&P 500, тоа е најголемиот дневен скок од глобалната финансиска криза во 2008 година и трет најголем по Втората светска војна. За Nasdaq, тоа е најголемиот скок од „dotcom“ кризата во 2001 година и втор најголем во историјата.